„СДСМ, како цела држава, така и во Центар е во тотален распад на идеи, резултати, но очигледно и на нерви. Наместо да одговорат зошто четири години ништо не сработија, зошто премолчуваат на дивоградби кои никнуваат пред нивните очи, тие повторно се вплеткуваат во лаги, спинови и соопштенија напишани во нивните мувлосани партиски канцеларии, далеку од реалноста“, рече денеска портпаролот на движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Никола Мемов на прес-конференција.
Според него, ЗНАМ не е против чистење -туку против незаконски акции, злоупотреби и предизборен маркетинг на сметка на граѓаните.
-СДСМ тврди дека проектот во Крњево се спроведува според „важечки ДУП“. Ајде да бидеме сериозни. Ако деталниот урбанистички план (ДУП) не е усогласен со актуелниот Генерален урбанистички план (ГУП), тој НЕ МОЖЕ да се применува. Тоа јасно стои во член 35, став 5 од Законот за урбанистичко планирање. Во членот 2 стои дека градежно земјиште на кое не се формирани градежни парцели, што е ограничено со регулациони линии служи за општа употреба односно за изградба на јавните простори: улици, плоштади, инфраструктури, урбано зеленило и друго.
Ако овој простор според оваа одредба во Законот, е предвиден за сообраќајница според ГУП-от, а не за урбано зеленило (уште помалку и со ДУП-от), како тоа Општина Центар реализира проект според важечки ДУП кој не е усогласен со ГУП на Градот Скопје? На тие што не им е јасно во членот 11 став 3 од Законот за урбанистичко планирање прецизно е наведено што содржи Генералниот урбанистички план, додека описот на Деталниот урбанистички план е даден во член 13 став 3 и 4 од истиот Закон, кажа Мемов.
Портпаролот на ЗНАМ праша како може „Општина Центар предводена од СДСМ да не ги почитува овие одредби од законот и на простор кој според Детален урбанистички план и Генерален урбанистички план е предвиден за примарна сообраќајница – бул. Крушевска република, да тврди дека има проект кој е предвиден според важечки ДУП за уредување на просторот со зеленило, урбана опрема и игралиште?“.
-Очигледно оние што со години го кршат законот, а денес се обидуваат да се претстават како реформатори. Нема јавна расправа, нема усогласеност со ГУП, нема транспарентност – има само лаги, паника пред избори и фото-акции за спас на рејтингот. И наместо да чистат депонии на пет дена пред избори, ги облекоа работниците во нови униформи, СДСМ треба да се исчисти сам од лагите, манипулациите и неуспесите што четири години ги затрупуваат граѓаните на Центар, додаде Мемов.