„Додека граѓаните на Општина Центар секојдневно се соочуваат со урбан хаос, нефункционални сервиси и затворени јавни простори, градоначалникот на СДСМ во заминување, кој ја бетонизираше Општина Центар, зад себе остава траг на недомаќинско работење, сомнителни јавни набавки и милионски трошоци што не даваат резултати“, рече на денешната прес конференција портпаролот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Никола Мемов, упатувајќи критики кон градоначалникот Горан Герасимовски.
Тој потсетува дека Државниот Завод за Ревизија утврдил сериозни слабости во финансиското работење на Општина Центар за 2023 година. Според Извештајот општината има ненаплатени побарувања од над 4,4 милиони евра, без утврдена рочна структура или правна можност за наплата.
Мемов изнесе, како што вели, неколку скандали:
„СКАНДАЛ број 1: Детската градинка „Пролет“ – 218 милиони денари за објект без законска основа. Проектот започнат со договор од 154 милиони денари, завршил со 218 милиони денари, преку серија анекси без документирано техничко и економско оправдување.
• 30 милиони денари за „непредвидени“ работи, без образложение зошто тие не можеле да се планираат однапред.
• Промени во проектот – без дополнување на основниот проект, без согласност од проектант, без правна ревизија.
• Нема проект на изведена состојба, ниту целосна ревизија на сите проектни фази. Ова не е само административен пропуст – ова е флагрантно кршење на Законот за градење и потценување на граѓаните.
СКАНДАЛ број 2: Реконструкција на ул. Аминта Трети – 43 милиони денари за улица со нефункционален водовод
Цели 43 милиони денари, со дополнителен анекс од 6 милиони, биле потрошени за реконструкција на улица каде:
• ЈП Водовод и канализација одбива да ја преземе новата мрежа, поради низа технички грешки.
• Новиот водовод не е поврзан со постојните системи, што, како што вели јавното претпријатие, „ја губи смислата на проектот“.
• Не е спроведен технички прием, ниту е извршен катастарски упис – објектот де факто не постои за државата.
• Договорот дозволува казнување и активирање на гаранција, но општината не презема ништо!
Скандал број 3: Гориво без трага и докази
Исплатени се 888.000 денари за гориво – со налози што немаат податоци за дестинација, цел, или авторизација. Нема фискални сметки, нема записници, само фактури од добавувачи. Притоа, нема ниту еден акт што уредува како и кога се користат службените возила. Правилникот за тоа е донесен дури во текот на 2024 година – предоцна за да се прикрие направената штета.
Скандал број 4: Адвокатски услуги платени како месечна претплата за „Netflix“
Во текот на 2023, Општина Центар платила 984.000 денари на три адвокатски друштва врз основа на паушални месечни надоместоци. За овие исплати не постојат конкретни извештаи, докази или спецификации за тоа што точно е сработено. Законски, адвокатите имаат право на надомест само по основ на извршена работа – но овде, очигледно се плаќа за „дежурство“, а не за услуга“, соопшти портпаролот на ЗНАМ.
Мемов нагласи дека ова не е само нестручност.
„Ова е хроничен институционален немар, при што парите на граѓаните се трошат како да се ничии. Сето ова е опфатено во ревизорскиот извештај за 2023 година. Замислете само што ќе се открие за 2024 – година во која градоначалникот во заминување, свесен за сопствената неспособност и неминовниот изборен пораз, уште порелаксирано и понетранспарентно ги троши јавните пари. Време е да кажеме: Доста е. Центар заслужува нов почеток. Со отчетност. Со законитост. Со работа, а не само глума и Фејсбук спотови“, порача Мемов.