„Извршниот одбор на Движењето ЗНАМ за наша Македонија на синоќешната седница ја разгледуваше актуелната политичка ситуација во Македонија и случувањата во владиниот партнер, Коалицијата Вреди“, изјави денеска портпаролот, Никола Мемов.
„Движењето ЗНАМ има конзистентност во политиките и одлуката за влез во владата ја донесе врз основа на своја политичка и програмска Платформа, базирана на идеолошки принципи и критериуми“, кажа Мемов.
На седницата, како што соопшти Мемов, биле усвоени следните заклучоци:
Движењето ЗНАМ за наша Македонија смета дека случувањата во Коалицијата ВРЕДИ се нивно внатрешно прашање.
Секој кој што соработува зад отворени или затворени врати со нереформираната ДУИ за Движењето ЗНАМ е неприфатлив да биде составен дел на партнерството во кое што учествува ЗНАМ.
За Движењето ЗНАМ, превирањата во ВРЕДИ не се закана за владејачкото мнозинство.
Во моментов владината коалиција функционира тековно и без никакви застои. Владата е стабилна со самиот факт што ЗНАМ и коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ обезбедуваат мнозинство од 64 пратеници и дополнително пратениците во коалицијата Вреди кои ја поддржуваат владата.
За Движењето ЗНАМ – За наша Македонија не е прифатлива соработка со поранешни, актуелни и идни функционери, пратеници и членови од редовите на СДСМ за кои има индиции дека учествувале или се дел од организираниот криминал и корупцијата во Република Македонија.
За идните случувања во владината коалиција Движењето ЗНАМ за Наша Македонија смета дека тоа прашање е во надлежност на Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски“, истакна Мемов.