Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија на денешната прес конференција објави уште еден, како што велат, урбанистички скандал во општина Центар. Имено, како што рече портпаролот, Никола Мемов, Дебар Маало, симболот на култура, урбана традиција и живеење со душа во срцето на Скопје, денес е претворено во жртва на урбаното дивеење и апсолутната незаинтересираност на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
„Пред само 2–3 недели никна нова нелегална градба, односно ресторанот „Мечка“ се прошири буквално преку ноќ, на простор кој е јавен: на тротоарот, па дури и зафаќајќи дел од коловозот. Узурпиран е простор наменет за пешаци и за движење на граѓаните, простор кој треба да биде за сите, а сега е дел од приватен бизнис“, рече Мемов и запраша:
„Кој го дозволи ова? Кој дозволи во срцето на Дебар Маало, на неколку чекори од улицата „Орце Николов“, а на само 200 метри од кабинетот на самиот градоначалник, да се узурпира јавен простор и да се изгради дел од објект? Дали воопшто градежниот инспекторат на Општина Центар постапил на терен? Дали постои било каков документ, одобрение или решение – или ова е типичен пример на дивоградба, „пуштена“ да никне преку ноќ? Дали ова е Општина Центар или Див Запад, каде секој си гради што сака и каде сака? Кој ќе ја понесе одговорноста што објектот и понатаму стои, како симбол на беззаконие и селективна правда“.
Мемов потенцира дека ова не е прашање кое може градоначалникот Герасимовски да го сокрие со молк, затоа што се случува на улица, пред очите на сите и како што рече тој, и пред очите на Герасимовски, бидејќи тој секојдневно се вози со неговиот скап велосипед по улицата „Дане Крапчев“.
„Ова е буквално во Вашето маало, на неколку чекори од Вашиот дом. Па, ако тука не реагирате, како граѓаните да веруваат дека ќе реагирате воопшто.
Ова е срамота. Ова е слика на една неспособна и незаинтересирана општинска власт, карактеристична за владеењето на СДСМ. Жителите на Дебар Маало секој ден гледаат како јавните површини се претвораат во приватни имоти. Како зеленилото исчезнува. Како тротоарите се претвораат во маси и тераси. Како јавниот интерес исчезнува, а на негово место никнуваат бетон, стакло и пари“, посочи портпаролот на ЗНАМ.
Тој потенцира дека ова не е само проблем со една дивоградба кај нацииналниот ррсторан „Мечка“, туку ова е симбол на начинот на кој четири години се владее во Центар.
„Ова мора да престане. На 19 октомври граѓаните ќе одлучат. И ќе изберат човек кој ќе работи за граѓаните, кој ќе се бори за зачувување на јавните простори, кој ќе го штити зеленилото и ќе ја врати човечката димензија на Центар. Граѓаните ЗНААТ и Центар ЗНАЕ“, рече портпаролот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Никола Мемов на денешната прес конференција.