За период од неполни две години, од септември 2024 до март 2026 година, пензиите се зголемени за вкупно 7.000 денари месечно, што претставува линеарно покачување од 36 проценти, изјави директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов.
Според Мемов, во истиот период минималната пензија е зголемена за 61,75 проценти, додека просечната пензија бележи раст од речиси 40 проценти.
Тој истакна дека станува збор за најголемо покачување на пензиите во последните две децении, кое, како што нагласи, е резултат на политики насочени кон подобрување на животниот стандард на пензионерите.
„Со овие мерки се покажува јасна грижа за највозрасните граѓани, а пензионерите стануваат еден од главните приоритети во социјалната политика. Континуираното зголемување на пензиите испраќа порака дека стабилноста и грижата за пензионерите се темел на општествената одговорност, а подобрувањето на нивниот стандард е клучен ефект од економските и социјалните политики“, посочи Мемов.
Тој додаде дека значително е зголемена и вкупната сума што се издвојува за исплата на пензии, која сега е за речиси 500 милиони евра повисока во споредба со 2024 година.
Како пример, Мемов посочи дека во септември 2024 година, кога била исплатена пензијата за август, за пензии биле исплатени 7.210.341.000 денари. За исплата на пензијата за март 2026 година, пак, вкупната сума достигнала 9,65 милијарди денари, што е за 2,44 милијарди денари повеќе месечно во споредба со септември 2024 година.