Движењето ЗНАМ смета дека СДСМ избрал старо-нов претседател на партијата. Според портпаролот на партијата, Никола Мемов, „Венко Филипче е продолжена рака на кланот на Заеви“ и тврди дека претседател на партијата е повторно екс-лидерот Зоран Заев.
Мемов пред медиумите истакна дека СДСМ е во „очајна состојба, раздор, подметнување и безидејност“.
-Движењето ЗНАМ му го честита изборот на Филипче, иако исходот на изборите го оценуваме како недемократски и нелигитимен, кажа Мемов, цитирајќи ги зборовите на Славјанка Петровска и Јован Деспотовски за ситуацијата во партијата пред и по изборите.
Според портпаролот, во СДСМ членуваат чесни и способни луѓе кои ја сакаат Македонија, но, како што вели, партијата повеќе не припаѓа на членството и максимата „Или си СДСМ или не си“ – нема никакво значење.
-Вратите на ЗНАМ се отворени за сите чесни луѓе кои ја сакаат Македонија. Отворена е поканата и за прием на сите членови на СДСМ. Движењето со своето учество во Владата ќе биде гарантот дека никогаш повеќе работите во Македонија нема да бидат исти, кажа меѓу другото Мемов.
Тој истакна и дека голем број членови и функционери на СДСМ имаат интерес за преминување во ЗНАМ.