Драмата Џанлуиџи Донарума – ПСЖ продолжува, а сега менаџерот на голманот, Енцо Раиола се вклучи директно во приказната.
Сè започна откако Луис Енрике го изостави италијанскиот голман од составот пред натпреварот од Суперкупот на Европа со Тотенхем, што беше јасна порака до Донарума дека треба да го напушти клубот една година пред да му истече договорот за да може ПСЖ да заработи пари од трансферот.
Донарума реагираше на одлуката на Енрике преку Инстаграм, пишувајќи дека е разочаран од одлуката.
„За жал, некој одлучи дека повеќе не можам да бидам дел од тимот и да придонесувам за успехот на клубот. Разочаран сум и обесхрабрен. Се надевам дека ќе имам можност уште еднаш да ги погледнам навивачите во очи и да се збогувам како што треба. Ако тоа не се случи, сакам да знаете дека вашата поддршка и наклонетост ми значат сè и никогаш нема да го заборавам тоа“, рече голманот.
Сега се огласи и Енцо Раиола, најавувајќи дека ќе ја разгледа опцијата за судска постапка.
„Шокирани сме од однесувањето на ПСЖ. Клубот не покажа никакво почитување по четири години соработка. Ќе се консултираме и со нашиот правен тим. Џиџи дури беше подготвен да ја намали својата плата, но ПСЖ повторно ги промени условите“, рече Раиола, давајќи детаљ со кој ги негира тврдењата на бројни медиуми, кои велат дека договорот меѓу Донарума и ПСЖ не дошол поради барањата на голманот за зголемување на платата.