Фудбалскиот менаџер Жорге Мендеш денеска ќе се сретне со директорите на Челси за да се обиде да го комплетира трансферот на Жоао Феликс во Милан на последниот ден од преодниот рок, кој се затвора денеска, пишува италијанскиот весник „Газета дело Спорт“.
Португалскиот фудбалер во јануари би можел да стане третото ново засилување за гигантот од Милано, а задачата на Мендеш е да ги убеди шефовите на лондончани да се разделат со Феликс за помала сума. Милан не е подготвен да му ја исплати целата плата на Жоао Феликс до крајот на сезоната, како и надоместокот за неговиот шестмесечен договор на позајмица.
Од друга страна, Челси не сака да го пушти Феликс без да добие нешто од зделката, а Жорге Мендеш ќе се обиде да најде компромис кој ќе ги задоволи двата клуба.
Меѓу другите тимови кои покажаа интерес за Португалецот беше и Астон Вила, но неодамнешниот потпис со Маркус Рашфорд значи дека тимот од Бирмингем повеќе не е меѓу конкурентите за потписот на поранешната ѕвезда на Атлетико Мадрид.