Менкиноски: Бугарија е во паника бидејќи може да биде исклучена од Советот на Европа поради непочитување на Судот во Стразбур

-Да се стави црн печат на адвокат не се случило ниту во Нирнбершките процеси, а не кога застапувате организација која 17 пати има добиено пресуди во Судот во Стразбур против Бугарија за прекршување на основните човекови права, вели Менкиноски

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Сител

Адвокатот Тони Менкиноски кој десетгодишна забрана за влез во соседна Бугарија, информира дека добил црн печат од страна на бугарската гранична полиција на 6-ти март. Вели дека е ставен на бугарската национална црна листа што, како што вели, претставува заплашување за нивната безбедност. Менкиноски појасни дека ја информирал Владата, Собранието и МНР, за да преземат соодветни чекори согласно нивниот мандат.

-Да се стави црн печат на адвокат не се случило ниту во Нирнбершките процеси, а не кога застапувате организација која 17 пати има добиено пресуди во Судот во Стразбур против Бугарија за прекршување на основните човекови права. Вчера ми се јави премиерот и беше зачуден. Се договоривме оваа недела да се видиме. Имав телефонски разговор и со министерот за надворешни работи. Тие ќе постапат според тоа што е дозволено. Ова не се случува секаде и ова е реткост, рече адвокатот.

Според Менкиноски, во месец април или во мај, Комитетот на министри од 36 членки на Советот на Европа ќе расправаат во врска со непочитувањето на одлуките на Европскиот суд на човекови права од страна на официјална Софија.

-Бугарија е во паника бидејќи може да се донесе одлука за исклучување од Советот на Европа поради непочитување на одлуките на Судот во Стразбур, рече адвокатот во „Тема на денот“, додавајќи дека очекува силна реакција од Обединетите нации.

-Не можете вие да ставите црн печат туку така ако некој не ви е симпатичен или ако не е согласно вашата политика, додаде адвокатот.

Менкиновски на прес-конференцијата во саботата кажа дека се сомнева оти забраната е директно поврзана со неговата работа како адвокат кој ги застапува Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Смета дека ваквото решение на бугарските власти е донесено без конкретно образложение и без претходна правна постапка.