МЕПСО до ВМРО-ДПМНЕ: Договорот за набавка на авио билети не се потпишува затоа што некој решил да шета

од Nikola Popovski

Го отфрламе како неосновано и пред се тенденциозно обвинението кое што денеска го објави ВМРО-ДПМНЕ дека АД МЕПСО троши 125 илјади евра за авиобилети, велат од МЕПСО откако најголемата опозициска партија обвини дека менаџментот на институцијата потпишал договор за набавка на авио билети од 125 илјади евра.

Според нив, договорот за набавка на авиобилети е три годишен рамковен договор, потпишан во август оваа година и има важност до 2024 година.

-Тоа значи дека предмет на плаќање согласно овој рамковен договор ќе бидат патувањата што ќе се реализираат во тек на три години. Во оваа прилика сакаме да и појасниме на партијата ВМРО-ДПМНЕ дека ваков договор за набавка на авио билети не се потпишува затоа што некој решил да шета, туку исклучиво за стручните луѓе од компанијата кои учествуваат на фабрички прием и тестирање на опрема која ќе биде вградена во капиталните инвестиции кои ги изведува нашата компанија од типот на интерконекцијата Македонија-Албанија и реконструкцијата на далекуводите, како и за учество на седниците на комитетите на ЕНТСО-е (Европска мрежа на преносни систем оператори на електрична енергија), стои во реакцијата.

Горан Николов, член на комисија на опозициската партија за енергетика, денес објави дека „се троши на авио билети иако 2020-та година во МЕПСО се акумулирани загуби од 6 милиони евра“.

-За да биде појасно, преносот на електрична енергија е регулирана дејност. Тоа значи дека ако компанијата се менаџира домаќински, не смее и не може да има загуби. Ова покажува само едно, дека во МЕПСО, компанија каде со години владее превработеност, непотизам и нестручност, не им е важно што народот едвај врзува крај со крај, не им е важно што во секој момент се очекува зголемување на цената на струјата. Најважно од сé е вработените на МЕПСО да може да патуваат. И тоа на грбот на македонскиот граѓанин, изјави Николов.

Слични содржини