МЕПСО: Tарифата шест години во континутитет е намалувана, со што е доведена во прашање ликвидноста на компанијата

од Берта Китинска
267 прегледи

АД МЕПСО со цел објективно и целосно информирање на јавноста, во врска со најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика за утврдување на тарифите на енергетските компании од кои произлегува цената на електричната енергија, известува за следново:

АД МЕПСО е оператор на националниот електроенергетски систем чија дејност е непрекинато и доверливо снабдување на сите потрошувачи со квалитетна електрична енергија. Тарифата за пренос на електрична енергија, како и секаде во земјите на ЕУ и земјите од нашето соседство, на годишно ниво ја утврдува надлежното регулаторно тело согласно усвоена методологија, а врз основа на барање на енергетските компаниии. Методологијата го дефинира барањето со форма и содржина и, во снова, се презентираат и образложуваат трошоците за одржување, реконструкција и надградба на електроенергетската мрежа.

Со цел доверливо и непрекинато снабдување со квалитетна електрична енергија за сите потрошувачи АД МЕПСО секоја година подготвува инвестициона и програма за одржување, каде што најдомаќински се планираат потребните инвестиции.

АД МЕПСО е во голем инвестициски циклус од околу 100 милиони евра, составен од проекти за реконструкција на постоечката инфраструктура и изградба на нови електроенергетски објекти.

Стручните служби од АД МЕПСО врз основа на анализите од дефектите, оценка на состојбата на витални делови од постројките, како и недостапноста на резервни делови за опремата стара и 40 години, ја утврдуваат потребата и итноста за инвестирање во реконструкција на постоечката инфраструктура, постројки и далекуводи. Последните резултати се видливи во постројките во ТЕЦ Осломеј и во Валандово, а во наредните месеци ќе бидат завршени работите и во Дуброво и Прилеп и во четирите најголеми ХЕЦ (во делот на преносната мрежа). Во тек се и реконструкции во постројки во Битола и Скопје, со рок за изведба 12 месеци. Завршен е и 110 kV далекувод Штип – Пробиштип, со приклучок за зоната Неокази. Во тек се подготовки за реконструкција на 4 далекуводи 110 kV, постари од 50 години.

Актуелните приходи од преносната тарифа овозможуваат финансирање на проектите за реконструкција, кои обезбедуваат доверливост на преносната мрежа, но, едновремено, со примената на современа опрема и решенија значително се намалуваат трошоците на АД МЕПСО за одржување за наредниот период.

Со цел заокружување на поврзувањето со сите соседни преносни систем оператори, започнат е проектот за поврзување со соседна Република Албанија, со 400kV далекувод од Битола преку Охрид до Елбасан. Кај Охрид ќе се изгради нова 400/110 kV трафостаница со која ќе се обезбеди доверливо снабдување со електрична енергија во југозападниот дел за идните триесет години.Ова е најголемиот актуелен проект со вредност 40 милиони евра.

АД МЕПСО се грижи и работи во насока на што поголемо ангажирање на домашни фирми, со цел што поголема поддршка на македонската економија. Во врска со наведените инвестиции мора да се има предвид дека во РСМ немаме произведител на потребната опрема за трафостаници и далекуводи, и поради тоа целата опрема се набавува од странски производители. Новата современа и високодоверлива опрема по светски стандарди е од реномирани светски производители. Таа опрема се продава на глобалниот пазар по пазарни цени кои се транспарентни, јавно достапни и важат за сите купувачи во светот.

Заради горенаведеното, од аспект на трошоците на АД МЕПСО, „голото” споредување на цената на мегаватчас електрична енергија со просечна плата во нашата земја е некоректно. Никому не помага, создава конфузија кај граѓаните. Такви споредби се погрешни и водат кон погрешни заклучоци кои немаат економска логика туку оставаат впечаток дека критиката е неконструктивна.

За жал, во одредени сегменти на нашето општество сеуште постојат предрасуди и за најмала промена на цената на електричната енергија; дел од критичарите на цената на електричната енергија, во исто време, за мобилен телефон со интернет забава се подготвени да издвојат и значајни износи, често и далеку повисоки од сметката за електрична енергија. Понатаму, како висока сметка за електрична енергија се третира и сметка кога, оваа најскапа енергија, се користи за загревање на цела куќа или голем стан.

Коректно е да се укаже дека за најзагрозените семејства е предвидена субвенцијата „за енергетска сиромаштија”, која обезбедува пристапност до ел.енергија за сите граѓани на државата.

Прашањето е многу комплексно за да се банализира со неаргументирани напади врз електроенергетските компании и регулаторното тело кое го респектирало барањето.

Не смееме да заборавиме дека електричната енергија е основиниот двигател на сите сегметни во современото општество, поради што сите треба да сме свесни за важноста на функционирањето на целиот електроенергетски систем и, се разбира, дека тоа е неостварливо без неопходните вложувања за негова непречена и доверлива работа.

Секогаш сме посветени на определбата за намалување на трошоците, онаму каде е оправдано. Спремни сме и за стручна расправа на таа тема.

Тарифата на АД МЕПСО 6 (шест) години во континутитет е намалувана, со што е доведена во прашање ликвидноста на компанијата и нејзиното функционирање. Тарифата е најголемиот извор од каде се покриваат сите инвестиции за преносниот систем нормално да функционира. АД МЕПСО нема можност да се откаже од своето учество во цената на струјата, затоа што нé чека економски развој на државата кој без стабилен преносен систем е невозможен.

Во исто време напоменуваме дека АД МЕПСО е општествено-одговорна компанија која во контиунитет осум години наназад издвојува значајни средства (до 2 отсто од своите приходи) за проекти од јавен интерес од областите на: здравството, образованието, културата и спортот. Воедно во истиот период дава стипендии на студенти од електроенергетските насоки на државните факултети во Скопје и во Битола, во соработка со ЕВН и АД ЕСМ, вложувајќи на тој начин уште повеќе во иднината на електроенергетскиот систем.

Слични содржини