Министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека се размислува да не важи мерката за поевтина струја за домашните компании и производители кои не ги исполнуваат очекувањата за поевтини производи.
-Во случај да нема дополнително намалување, ќе се укине поддршката од страна на Владата. Целта по барање на стопанските комори беше да се намалат цените и очекуваме да се намалат до процентот што е договорен меѓу компаниите и Владата, рече Бектеши.
Според него, доколку не се намалат цените на производите „подобро тие пари да се насочат кон граѓаните“.
-Подобро е тие средства да се насочат кон тие што имаат поголема потреба од нив, кај граѓаните. Има одредено намалување на некои производи, од 7% до 12%. Некои производители намалија во овој опсег, а за жал некои не, па овој месец треба да имаме извештај од Државен пазарен инспекторат и врз него ќе се донесат одредени одлуки. Можно е одлуките да бидат селективни, односно за оние што нема да ги намалат цените мерката за субвенционирана струја да не важи. За тие што намалиле и се потрудиле да им излезат во престрет на потрошувачите, мерката ќе продолжи да важи, заклучи Бектеши.