Меркел е најважниот играч во покер околу Грција – игра во која до овој момент сите се служеа со (нечесни) трикови. Сега сепак претстои ново делење на картите. Да видиме како ќе се распределуваат адути. Коментар од Марсел Фјурстенау:
На оние кои гледаат во ЕУ само како на бирократско чудовиште, веројатно им е сеедно каква ќе биде судбината на Грција. На оние кои ја сметаат заедничката европска валута за финансиски пад во грев, веројатно посакуваат грчката економија да се сруши конечно. И да го повлече со себе и еврото. Таква е перспективата на циниците, егоистите, националистите. Откако пред пет години избувна должничката криза, секакви сценарија ни објаснуваат прописно какви последици би имало сето ова за ЕУ како целина и за поединечните земји-членки. Проблемот сепак е што сите овие сценарија се чиста шпекулација, бидејќи никој не е во состојба да каже со сигурност точно како ќе се одвиваат работите.
Сосема реални сепак се последиците од кризата – Грција осиромашена, а луѓето таму се чувствуваат огорчено и оштетени. Трпението на доверителите пак е речиси исцрпено. Особено откако во Атина на власт дојде левата нова влада. Чудното е што во меѓувреме никој не е заинтересиран за одговорноста на оние кои ја доведоа земјата до таа состојба – до скоро владејачките социјалдемократи и конзервативци. Но да се гледа назад, исто така не помага. Крајно време е да се побараат практични и праведни одлуки кои се во интерес на луѓето.
Покер за минатото
Судбината на европскиот проект е многу тесно поврзана со Грција, отколку што сметаат многумина. Ако не беше така, кризните самити во Брисел одамна би останале во историјата. Само што играчите крај европската маса за покер знаат добро дека при лош развој на работите сите тие ќе ги загубат. Државниот банкрот на Грција би значел губење на милијарди кредити. Од сите доверители Германија е онаа која би претрпела најмногу сериозни штетиа. Затоа е добро, што Ангела Меркел им подава рака на Ципрас. И добро е што тој и одговори со истото. Нивната прва средба во Берлин, која се одржа вчера, остави впечаток дека и двете страни имаат волја и желба да постигнат разбирање.
Колку што може да се суди според оној дел од нивната средба, која беше достапна за претставниците на медиумите, разговорот меѓу двајцата течеше релативно хармонично. Како Меркел, така и Ципрас ги истакнаа пријателските односи меѓу Германците и Грците по крајот на Втората светска војна – иако нерадостниот за Германија факт дека и до денес Грција продолжува да инсистира за репарации поради извршените злосторства од нацистите . Во овој поглед Ципрас истакна во Берлин дека станувало збор повеќе за морално-етичко отколку за финансиски прашање. Во исто време би било наивно да се верува дека Грција ќе се откаже да бара некој вид компензација. Но можеби дипломатскиот начин на изразување ќе го придвижи напред решавањето на големиот проблем: како да се најде излез од должничката криза, без да се исклучува историската одговорност на Германија.
Без броеви!
Германската канцеларка сигурно бара токму такво трајно решение. Таа знае дека на владата во Атина и треба време и голтка финансиски воздух. Ципрас пак е свесен дека со оглед на економската и политичката моќ на Германија токму Меркел е онаа која го држи во рацете решавачкиот адут во покер околу иднината на Грција, а и на цела Европа. Ако ова верување стави крај на непријателските трикови, прекрасениот проект наречен ЕУ, би имал сосема реална шанса.
Ципрас со право побара да бидат Ослободени некои наметнати во минатото стереотипи иако клишеата понекогаш може да се корисни – како на пример тоа дека во Грција времето секогаш е убаво. На крајот на прес-конференцијата во Берлин Ципрас Флертувачки изјави дека бил ја донел пролетта од Атина. И додаде дека ова клима би требало да ги опкружува и односите меѓу двете земји. Нека!
