Францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел изјавија дека нивните земји се подготвени да ја дадат целата помош на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој се наоѓа во кома во болница во Сибир, по сомнение дека е отруен, и побара итно расчистување на случајот.
Алексеј Навални може да ја добие „целата медицинска помош“ во Германија или Франција, но дефинитивно е неопходно барањето да пристигне од таму, рече Ангела Меркел, додавајќи дека е „потресена“ од случајот на рускиот опозиционер кој е на интензивна нега.
„Она што е исто така важно е итно да откриеме како настана ситуацијата“, додаде Меркел и побара „транспарентност“ на заедничката прес-конференција со Макрон во тврдината Брегасон, на југоистокот на Франција.
Макрон им рече на новинарите денес дека е „многу загрижен и тажен“ од она што му се случи на Навални и додаде дека Франција му понудила него и на неговото семејство помош во форма на медицинска помош и друга заштита.
Макрон инсистираше на тоа дека е потребно да се разјасни сè за состојбата на Навални.
Навални е во кома и беше ставен на респиратор во единицата за интензивна нега во Сибир.
На него рано утрово му се слошило на летот од Томск кон Москва, а авионот направил итно слетување во Омск, каде бил пренесен во болницата, изјави неговата портпаролка преку Твитер.
Таа рече дека тој сигурно го испил отровниот чај што го зел во кафеаната на аеродромот пред да се качи во авионот рано утрово.