Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека дигиталните сертификати за вакцинација најверојатно ќе бидат достапни до летото, што ќе им овозможи на луѓето слободно да патуваат низ Европа, без оглед на пандемијата. Државите мора да бидат подготвени за фактот дека „вакцинацијата против вирусот ќе трае уште многу години, поради мутираните соеви на коронавирус“, посочи Меркел.
„Сите се согласуваат дека ни треба дигитална потврда за вакцинацијата“, рече Меркел на прес-конференција по самитот на Европската унија, што се одржа преку Интернет.
Ќе бидат потребни три месеци за да се подготват сертификати за вакцинација против Ковид-19, Европската комисија веќе го направи техничкиот дел, но треба да се развие таков дигитален сертификат, рече таа.
Тоа може да биде основа за патување на државјани на трети земји во Европската унија, додаде германската канцеларка.
И додека пандемијата генерално треба да стагнира до лето, вакцинацијата може да трае подолго поради мутираните соеви на коронавирус.
„Државите мора да се подготват за фактот дека вакцинацијата против вирусот ќе трае уште многу години“, истакна Меркел.
Лидерите на 27-те земји-членки разговараа денес на виртуелен состанок за тоа како да се забрза процесот на вакцинација и подобро да се подготват за новите варијанти на коронавирус, како и сертификати за вакцинација и еднострани ограничувања на патувањето, што некои земји ги презедоа од страв од мутирани вируси .