Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека учесниците на самитот ЕУ-Западен Балкан се согласиле дека земјите од Западен Балкан припаѓаат на Европа, но дека таа не поддржува давање фиксен датум за пристапување на земјите од Западен Балкан во Европската унија.
„Не поддржав да им се даде определен датум на земјите од Западен Балкан за нивно пристапување во Европската унија“, рече Ангела Меркел на самитот ЕУ-Западен Балкан на Брдо кај Крањ, пренесе Ројтерс.
„Навистина не верувам во одредување датум, но верувам во исполнување на нашите ветувања. Откако ќе се исполнат условите, пристапувањето може да се реализира“, рече Меркел пред новинарите по завршувањето на самитот.
Таа, исто така, изрази надеж дека проблемите околу блокадата на пристапните преговори на Северна Македонија може да се надминат.