Рано е да се прават предвидувања како ќе се одрази излегувањето на Велика Британија од Европската унија врз економијата на Европската унија и Германија, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел, јави ТАСС.
По завршувањето на дводневниот самит на ЕУ во Брисел, Меркел призна дека засега е комплицирано да се направи проценка на последиците. Британската економија е петта во светот, потсети Меркел и истовремено истакна дека излегувањето на една толку голема економија не може да не влијае.
Меркел изјави дека не гледа потреба од измена на европските договори како последица на резултатот од референдумот во Велика Британија.
– Денеска имавме важна дискусија, која ќе ја продолжиме во септември, истакна таа.
Германскиот канцелар го отфрли барањето на Италија за корекција на европските норми за буџетскиот дефицит и банкарската помош, за да бидат земени предвид финансиски тешкотии по Брегзит.
– Сметам дека Пактот за стабилност и развој е доволно флексибилен за да работиме со него, вклучително и во сегашната ситуација, тврди Меркел.
Германскиот канцелар оцени и дека е потребно санкциите воведени против Русија поради Украина, да бидат продолжени, пренесе ТАСС.
Услов за нивно укинување е целосното исполнување на договорот од Минск, потенцира Меркел.