Меркел: Се мачиме со короната затоа што сме перфекционисти

од Stefanija Kuzmanovska
284 прегледи

Германската канцеларка Ангела Меркел оцени дека тешкотиите со кои се соочува нејзината земја за време на пандемијата на коронавирус, од бавното спроведување на вакцинацијата до укинувањето и повторното воведување на регулативите за заклучување, се последица на германскиот „перфекционизам“ и се залага за поголема флексибилност во решавањето на најновиот скок на заразени со корона.

Во долгото телевизиско интервју за јавната телевизија АРД доцна синоќа, Меркел призна дека нејзината влада прави грешки, вклучително и за плановите за „заклучување“ за време на Велигден.

Долгогодишната германска канцеларка изрази и фрустрација поради постапувањето на некои од гувернерите на германските покраини, вклучително и членови на нејзината партија, кои се спротивставија на воведувањето на построги ограничувања, кои беа претходно договорени.

Меркел, која нема да се кандидира за нов петти мандат на парламентарните избори во септември, рече дека го одржува ветувањето дека на секој возрасен граѓанин ќе може да му се понуди вакцина против Ковид до крајот на летото и посочи дека Германија има добар учинок во споредба со соседите.

„Можеби некогаш сме големи перфекционисти и сакаме да сториме се како што треба, бидејќи секако кој ќе погреши секогаш се соочува со многу критики во јавноста. Но, исто така треба да има флексибилност. Тоа е квалитет за кој ние како Германци треба да научиме малку повеќе, покрај склоноста кон перфекционизам “, рече таа.

Како пример, таа ја спомена потребата лекарите во центрите за вакцинација да подготват списоци на луѓе подготвени да ги примат вакцините кои останале на крајот на денот.

Досега, Германија вакцинираше многу помалку луѓе отколку Велика Британија, САД и Израел.

Меркел, чија влада ја губи поддршката според новите анкети, ги повика своите сонародници да не бидат обземени од очај.

„Имаме тешка ситуација. Но, погледнете ги нашите соседи. Со исклучок на Данска, тие се борат со истите проблеми, делумно од многу потешка позиција“, рече Меркел.

Таа додаде дека Германците треба да „покажат малку повеќе храброст и сила“.

Германската агенција за контрола на болести соопшти денес дека имало 9.872 новоинфицирани лица, а 43 починале во изминативе 24 часа. Од почетокот на пандемијата во земјата со 83 милиони жители, регистрирани се скоро 2,8 милиони потврдени случаи на Ковид-19 и 75.913 починати.

Слични содржини