Ангела Меркел доаѓа на партискиот конгрес на Германската демо-христијанска партија по шест години. Поранешната канцеларка и поранешната претседателка на ЦДУ прв пат се појавува на политички настан откако Фридрих Мерц ја презеде партијата.
Меркел, која се повлече од активната политика и во последните години има само протоколарни настапи, сега од првиот ред ќе набљудува како изгледа ЦДУ под нејзиниот наследник и долгогодишен ривал.
Пред четири години, Мерц драматично ја дијагностицираше состојбата во партијата, нарекувајќи ја Унијата (ЦДУ-ЦДС) „случај на политичка рехабилитација пред стечај“. Денес, тој тврди дека целосно ја обновил партијата: помалку центар, помалку Меркел, повеќе Мерц.
ЦДУ, барем формално, се врати на местото каде што отсекогаш се гледала – во канцеларската фотелја. Мерц на тој начин ја постигна својата долгогодишна политичка цел: да стане канцелар.
Иако веќе има 70 години, Мерц неодамна навести дека сака да остане канцелар и по следните сојузни избори. Како што пишува „Тагешау“, тој испрати порака, барем индиректно, до потенцијалните наследници како Хендрик Вист и Маркус Зедер.
Но, дали навистина ќе ja започне вторатa ера на чело на владата, сè уште останува отворено прашање. Првиот тест следи денес – реизборот за претседател на партијата.
Вашингтон наместо германски села
Откако стана канцелар, Мерц помина повеќе време на меѓународната сцена отколку во партиските организации. Вашингтон, Париз и Њу Делхи ги заменија малите германски градови и внатрешните партиски состаноци.
А токму таму, во партијата, атмосферата е напната. На последните избори, ЦДУ не успеа да го премине симболичниот праг од 30 проценти поддршка од граѓаните, а ниту анкетите одтогаш не се поволни за нив. За партија која се смета себеси за природна водечка сила во Германија, ова е разочарувачки, уште поголем удар претставува фактот дека крајно десничарската АфД е попопуларна од нив
Многумина во Мерц, гордиот либерал, видоа еден вид на спасител, особено во економијата. Уште во 2022 година, тој изјави дека без силна економија не би можело да има ниту успешна зелена транзиција ниту стабилна социјална држава.

Фото: Принтскрин/ДВ
Мерц меѓу два табора
Денес, сликата е поинаква: економијата е во криза, социјалниот систем е под притисок, а очекувањата на гласачите не се исполнети. Самиот Мерц признава дека по изборите се создадени очекувања што владата не можела да го реализира.
Проблемот, велат во партијата, е што во коалиција со СПД (социјалдемократската партија на Германија) нема место за „вистинската ЦДУ“. Наместо тоа, на гласачите им се нуди само „ЦДУ лајт“.
Ова е особено досадно за подмладокот на партијата, Младата унија (ЈУ), која бара поостар курс и поконзервативна реторика, особено во дискусиите за пензиската реформа и работните обврски.
Фракциите повторно се будат во ЦДУ. Економското крило повикува на построги мерки за работниците и го критикува, како што велат, начинот на живот „со скратено работно време“. Социјалното крило, пак, предупредува дека таквата реторика е премногу алармантна.
Ретко имало толку многу немири во ЦДУ пред партискиот конгрес. Бројни предлози и амандмани веќе привлекоа големо медиумско внимание пред самиот состанок.
Во ваква атмосфера, Мерц бара нов мандат како лидер на партијата. Се очекува најмалку 90 проценти од делегатите да го поддржат – сè помалку од тоа би се протолкувало како предупредување.
Дополнителна симболика дава фактот дека Ангела Меркел ќе го набљудува сето ова. Лошиот резултат пред поранешниот канцелар би бил исклучително болен политички удар за Мерц.