Германската канцеларка Ангела Меркел ја нарече ситуацијата во Авганистан „горчлива, драматична и застрашувачка“ во однос на преземањето на Талибанците.
Меркел ги даде своите мрачни оценки на прес-конференција во Берлин, одржана еден ден откако прозападната влада во Авганистан падна во рацете на талибанските бунтовници.
„Тоа е страшен развој за милиони Авганистанци кои сакаат полиберално општество“, рече германската канцеларка.
„Мислам на болката на семејствата на војниците кои ги загубија животите таму борејќи се, и сега се изгледа толку безнадежно“, посочи Меркел.
Канцеларката, исто така, изјави дека сега е неопходно да им се помогне на соседните земји во кои ќе пристигнат бегалци, додавајќи дека тоа особено важи за Пакистан.
Владата се фокусираше на повлекување германски граѓани и авганистански персонал кои работеа за германските министерства и војската, рече Меркел, додавајќи дека хаотичната ситуација во Кабул ја прави операцијата „исклучително тешка“.
Меркел рече дека е во контакт со францускиот претседател Емануел Макрон за тековната криза и најави дека најверојатно ќе свика специјална седница на Европскиот совет посветена на Авганистан. Таа додаде дека ќе ги координира плановите за евакуација со Макрон.
„Развојот на ситуацијата е горчлив за Авганистанците, но и за Германците и сојузниците“
Развојот на ситуацијата во Авганистан е горчлив за Авганистанците, но и за Германците и сојузниците кои се бореа против тероризмот таму, посочи Меркел.
Германија мора итно да евакуира до 10.000 луѓе од Авганистан за кои има одговорност, посочила германската канцеларка претходно во затворен разговор со своите сопартијци.
„Сведоци сме на тешки времиња. Сега треба да се фокусираме на спасувачката мисија“, рече Меркел.
Според неа, бројката вклучува и 2.500 персонал, како и активисти за човекови права, адвокати и други кои се сметаат за загрозени доколку останат во земјата.