Германската канцеларка Ангела Меркел, во интервју за јавниот сервис АРД, кое било посветено на вакцинирањето против коронавирус, изјавила дека е точно дека Србија е побрза во вакцинирањето од Германија.
Меркел исто така соопштила дека Србија се вакцинира со кинеската вакцина, пренесува Танјуг.
„Србија вакцинира побрзо, со кинеската вакцина. Отсекогаш сме велеле дека секоја вакцина што е лиценцирана од Европската агенција за лекови (ЕМА) е добредојдена. Разговарав со рускиот претседател за тоа и денес слушнав добри вести за руската вакцина. Секоја вакцина е добредојдена во ЕУ, но ќе бидат прифатени само оние што ги даваат сите потребни податоци на ЕМА“, рече Меркел.
Таа посочила дека Европската комисија не сакала да преземе одговорност за вакцинирањето, бидејќи во минатото политиката морала да преземе одговорност, што овојпат не е посакувано.
„Ние се бориме за доверба во вакцините. До крајот на третиот квартал, реков и претходно, ќе им ја понудиме вакцината на сите граѓани“, нагласи таа.