Германската канцеларка Ангела Меркел денес изјави дека е загрижена за „експоненцијалната“ динамика на раст на бројот на нови инфекции со Ковид-19 во Германија, особено заради ширењето на делта-вирусот и апелираше до населението да се вакцинира.
Од средината на јули, бројот на нови случаи на Ковид-19 надмина просечно 1.000 на ден, а денес се регистрирани 1.890 случаи во последните 24 часа, според институтот Роберт Кох.
„Имаме експоненцијален раст“ на бројот на нови случаи на коронавирус и „сметам дека оваа динамика е загрижувачка“, изјави канцеларката пред новинарите во Берлин.
„Треба да претпоставиме дека бројот на новоинфицирани лица ќе се удвои за помалку од две недели“, додаде таа.
Поради зголемениот број на лица заразени со позаразниот сој, кој стана мнозинство во Германија и во голем дел од Европа, Меркел проценува дека вакцинацијата е поважна од кога било.
„Секоја вакцинација е важна, секоја вакцинација е чекор, мал чекор кон враќање во нормала за сите“, додаде таа. „Колку повеќе од нас се вакцинирани, толку повеќе ќе бидеме послободни, не само како индивидуи, туку и како заедница“, рече таа.
Канцеларката, која се противи на задолжителната вакцинација, потсети дека тие треба да ги мотивираат оние кои не биле вакцинирани.
До денес, најмалку 60,4 проценти од германското население примиле единечна доза од четирите вакцини што се препознаени во земјата, а 48 проценти ги примиле двете дози.
„На сите кои веќе биле вакцинирани, им велам: Обидете се да ги мобилизирате и убедите другите што сè уште не биле, или во семејството, меѓу пријателите, на фудбалскиот терен“, рече Меркел.
Доколку бројот на инфекции продолжи да расте и за да не се преоптоварува здравствениот систем, канцеларката навести можност за воспоставување нови ограничувања со цел да се запре ширењето на инфекцијата.
Според институтот Роберт Кох, од почетокот на епидемијата во Германија 91,458 лица починале од „Ковид-19“.