Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски во вечерашната „Топ тема“ обелодени дел од мерките и препораките на владата за намалување на расходите на буџетските корисници.
Освен мерката за намалување за 10 отсто на платата која што беше единствено соопштена во јавноста, документот содржи уште неколку точки меѓу кои и намалување на прекувремената работа за преку 20 отсто во МВР, во АНБ, во Агенцијата за разузнување, работа од дома на вработените со ротации, а за синдикалците спорни се и, според нив, намерите на владата за суспензија или укинување на колективните договори.
Синдикалците и од јавниот и од приватниот сектор предупредија дека сите заеднички ќе се спротивстават на било каков обид од страна на владата да ги укине или суспендиран колективните договори.
Шест месеци, посочи Деаноски, немаше седница на Економско-социјалниот совет, во време на најголема финансиска криза во државата, во време на најголема инфлација.
– Нема методологија на плати која беше помпезно најавувана и сè уште се најавува, нема за фискални импликации, нема за потпишување на нови колективни договори. Меѓу точките на дневниот ред немаше ниту едно од нашите барања од изминатиот период, изјави Деаноски.
Од Министерството за труд и социјална политика претходно преку соопштение информираа дека во фокусот на седницата биле антикризните мерки на Владата.
– На седницата на ЕСС, освен членовите на ЕСС учествуваа и претставници на нерепрезентативните синдикати и бизнис конфедерацијата на Македонија. Покрај редовните точки од дневниот ред, во фокусот на седницата беа антикризните мерки на Владата, како и предлог мерките од страна на социјалните партнери, кои понатаму по нивно допрецизирање, по заклучок на ЕСС ќе бидат доставени на разгледување од страна на Владата, наведе МТСП во соопштение.