Мерки за намалување на загаденоста: Посебен режим за товарните и намалена употреба на службените возила

од Nikola Popovski
48 прегледи

Донесена е Наредба за воведување мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции при надминување на праг на информирање, соопшти денеска Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

Во рамки на оваа Наредба, се воведуваат повеќе мерки кои ќе се применуваат во случаи на надминување на праговите на алармирање дефинирани во Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанци во амбиентинот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели.

Се воведуваат зајакнати контроли на возилата, а МВР ќе спроведе засилени и вонредни контроли на возилата со цел утврдување на техничката исправност на возилата за емисијата на испусните гасови.

Меѓу мерките е и посебен сообраќаен режим за тешки товарни возила. Општините и Град Скопје, во соработка со Министерството за внатрешни работи ќе обезбедат посебни сообраќајни режими за тешките товарни возила, насочувајќи ги кон обиколни патишта со цел да се намали сообраќајот во урбаните средини.

Се препорачува намалување на употребата на службени возила. Сите органи на државна управа, агенции, фондови, бироа, заводи, јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост, како и единиците на локалната самоуправа, се задолжени да ја намалат употребата на службените возила до 50 отсто.

Ранливите групи се ослободуваат од работни обврски. Министерството за економија и труд, во соработка со Министерството за здравство, ги задолжува сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски: бремените жени; лицата постари од 60 години; лицата со малигни заболувања, хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без оглед на возраста, со препорака од матичен лекар, стои во соопштението.

Се препорачува реорганизација на работното време и обезбедување заштитни маски. Работодавците се задолжени да го реорганизираат работното време за лицата кои работат на отворено.

Секој деветти смртен случај на новороденче во Македонија е поврзан со аерозагадувањето, се вели во најновиот извештај на УНИЦЕФ, објавен во пресрет на Меѓународниот ден на чистиот воздух.

Мерките за заштита од загадувањето ги прогласува Владата и Градот Скопје кога во два последователни дена ќе се измерат концентрации над 200 микрограми на најмалку две мерни станици.

Од УХМР за наредните неколку дена најавуваат засилен северен ветер кој најверојатно ќе го реши проблемот со аерозагадувањето во главниот град.

Слични содржини