Мерко лично го замрзнал членството во ДУИ: Партијата бара сеопфатна истрага, во Обвинителството најмалку шест активни предмети

од Nikola Popovski
374 прегледи

Јавното обвинителство работи на најмалку шест активни предмети кои се во различни фази од истрагата, а се однесуваат на сомнежи за злоупотреба на службената положба и измама во врска со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко.

Во тек се постапки и за кривични предмети, од кои еден е пријавен од Финансиската полиција за прекршување на законот во постапка за експропријација, а неколку граѓански здруженија поднеле пријава за злоупотреба на службената положба и овластување.

Од обвинителството известуваат и дека постојат основани сомнежи за неработење и непрофесионалност од страна на обвинителите кои ги водат овие предмети. Нивните активности ќе бидат предмет на специјална истрага по извештајот на американскиот Стејт департмент.

„Изминативе години против лицето се спроведени уште неколку постапки по пријави од различни органи и институции. Обвинителството крајно сериозно ги сфаќа информациите од американскиот Стејт департмент за потенцијалното влијание на Мерсо врз постапката. Од тие причини обвинителството од случај до случај веднаш ќе ја проверува законитоста и брзината на постапувањето, како и можното влијание врз текот на предметите. Против сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапиле ненавремено, непрофесионално и под влијание ќе биде поведена кривична постапка“, додаваат од обвинителството.

Следната недела, Судскиот совет во Северна Македонија ќе формира комисија за контрола на работата на Основниот суд во Струга, која ќе ги разгледа и заклучоците на американскиот Стејт департмент, кој поради сомневања го прогласи градоначалникот на Струга за непожелен во САД поради значителната корупција.

Од ДУИ најавија дека бараат истрага за градоначалникот на Струга, до чие завршување е замрзнато неговото учество во раководните тела на партијата. Тој лично побарал такво нешто.

Идниот статус на Мерко во партијата, како што соопшти вчера портпаролот Бујар Османи, ќе зависи од исходот на истрагата што ќе се води против него.

– ДУИ ги повикува сите државни институции, во соработка со меѓународната заедница, да започна истрага за сите политички партии, од претседателите, до најниските ешалони на одлучување, бидејќи само на тој начин ќе можеме да се бориме против корупцијата и злоупотреба на темата во партиските препукнувања, рече Османи.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера повторно запрашан за случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко рече дека доколку тој би се нашол на „црната листа“ на САД не само што ќе поднел оставка, туку тоа и ќе го смета за најголем пораз во неговата лична и професионална кариера.

Вели дека доколку министер во Владата се најде на „црна листа“ на САД, тогаш истиот момент ќе биде разрешен.

Слични содржини