Мерсиха Смаиловиќ трета жена кандидат за претседател на државата

од Nikola Popovski
296 прегледи

Бошњачкиот демократски сојуз на престојните претседателски избори ќе учествува со свој кандидат за претседател на државата, а тоа ќе биде граѓанската активистка, Мерсиха Смаиловиќ. Од БДС велат дека како партија со проактивното учество на политичката сцена, покажале дека политичките партии на помалкубројните заедници можат да бидат вистински генератори на општествените промени.

-Поради тоа со гордост објавувуваме дека почитуваната Мерсиха Смаиловиќ е нашата кандидатка за претседателка на Република Северна Македонија. Таа на јавноста и е добро позната поради својот, слободно можеме да кажеме, повеќедецениски активизам за човекови права и унапредување на правата на жените. Со нејзината кандидатура за претседателка, ние само доследно го правиме она за што многумина зборуваат, а во кое за жал и не веруваат, а тоа е дека припадниците на помалкубројните заедници, освен што го имаат правото да гласаат, односно бираат, го имаат и правото да бидат избрани, подеднакво како и сите останати граѓани во ова наше убаво мултиетничко општество, порачаа од Бошњачкиот демократски сојуз.

На прес-конференција на која беше промовирана нејзината кандидатура, Смаиловиќ рече дека иако првпат бошњачката заедница има свој претседателски кандидат, нејзината етничка припадност не ја одредува во политички контекст и нејзината програма и заложби ќе бидат за подобра иднина на сите луѓе во нашето мултиетничко општество и дека и фокусот во кампањата ќе биде на сите граѓани на државава.

Покрај Смаиловиќ, жени кандидатки на изборите ќе бидат и професорката Билјана Ванковска, поддржана од Левица и пратеничката Гордана Силјановска-Давкова од редовите на ВМРО-ДПМНЕ

За претседателска кандидатура се потребни потписи од 30 пратеници или 10.000 потписи од граѓани. Рокот за собирање потписи тече од денеска и завршува на 8 март.

Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, додека вториот на 8 мај. Заедно со вториот круг, ќе се одржат и парламентарни избори.

Слични содржини