Мерцедес се откажа од жалбата, Макс официјално е шампион во Ф1

од Vladimir Zorba
307 прегледи

Екипата на Мерцедес одлучи да ја повлече жалбата за победата на возачот на Ред Бул, Макс Верстапен на последната трка од сезоната во Формула 1 за Големата награда на Абу Даби.

Верстапен во последниот круг го помина седумкратниот светски првак, возачот на Мерцедес Луис Хамилтон и со тоа ја освои првата титула во шампионатот.

Мерцедес претходно најави жалба до Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА) да ја рестартира трката во последниот круг.

Претходно, на пет круга пред крајот, поради инцидентот на возачот на Вилијамс, Николас Латифи, на патеката излезе безбедносно возило.

„Заедно со Луис внимателно размислувавме како да одговориме на настаните од последната трка. Отсекогаш сме биле водени од нашата љубов кон овој спорт и веруваме дека секое натпреварување треба да заврши со трка. Во неделата, многумина меѓу кои и ние мислевме дека работите не беа во ред“, се вели во соопштението на германскиот тим.

ФИА во средата вечерта објави дека ќе формира комисија, која ќе се занимава со анализа на последната трка.

„Мерцедес активно ќе работи со комисијата за да изгради подобра Формула 1 – за секој тим и секој навивач кој го сака овој спорт исто како и ние. Веруваме дека ФИА е одговорна за овој процес и со ова ја повлекуваме жалбата“, се додава во соопштението.

На Верстапен вечерва ќе му биде доделена светската титула на гала вечерата што ја организира ФИА во Париз.

Слични содржини