Мешовитата македонско-бугарска комисија заглавена во времето на цар Самоил

од Берта Китинска

Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања денеска и утре ќе го одржи 16. по ред состанок во онлајн формат поради пандемијата со коронавирусот.

Бугарскиот историчар Ангел Димитров пред два дена во телевизиско интервју даде свој став по прашањето дали Македонија треба да ги почне преговорите со Унијата и ја коментарше изјавата на премиерот Зоран Заев дека сега е најдобро време да се реши македонско-бугарскиот спор.

-Се разбира, Зоран Заев не би можел да каже ништо друго, зашто тој е политичар во оставка. За жал, многу би сакал да кажам дека Македонија е подготвена веднаш да добие сигнал за почнување на преговорите, но не гледам основа да се направи тој чекор напред, вели Ангел Димиторов, претседател на бугарскиот тим историчари.

Макeдонско-бугарските историчари денеска и утре треба да изнајдат начин да направат чекор напред на темата цар Самоил и средновековието, каде пет средби во низа останаа заглавени. Димитров обвинува дека македонската страна ги кочела разговорите и бегала од соочување врз основа на научни факти за периодот од 10 и 11 век.

– Заглавивме во 10-11 век – крајот на Првото бугарско царство, времето на цар Самоил и неговите наследници. Тие се на еден исклучително лизгав терен, зашто… ова го кажувам најсериозно, нема ниту еден доказ што упатува на постоење македонски народ, македонска држава, а дека Самоил бил македонски цар. Не останува време да разговараме за заедничкото чествување на двете држави на Гоце Делчев, вели Димитров.

Мешовитата македонско-бугарска комисија беше формирана согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји во 2017 година.

Слични содржини