Капитенот на Аргентина, Лионел Меси би можел да го пропушти четвртфиналето на Копа Америка против Еквадор поради повреда на мускулот.
Меси се повреди пред осум дена на натпреварот против Чиле (1:0) во второто коло од групата А на Копа Америка, а потоа го пропушти дуелот со Перу (2:0).
„Ќе почекаме уште неколку часа пред да донесеме конечна одлука. Секогаш е подобро да имаш уште еден ден“, рече селекторот на Аргентина, Лионел Скалони на прес-конференција.
Тој најави дека ќе разговара со Меси.
„Ќе се обидеме да го интегрираме во тимот. Доколку не е подготвен, ќе го бараме најдоброто решение за тимот. Мислам дека е добро за него да го одработи тренингот“, додаде селекторот на Аргентина.
Натпреварот меѓу Аргентина и Еквадор се игра утре во Хјустон.
„Еквадор е тим со добри играчи и добар тренер. Тие се еден од најдобрите тимови на Копа Америка. Имаат реални шанси да се борат за титулата“, заврши Скалони.