Големата ѕвезда на Барселона, Лионел Меси го забележа јубилејниот погодок број 600 во својата кариера во натпреварот против Атлетико Мадрид од 27-то коло на Ла Лига.
Меси се запиша во 26-минута по извршување од слободен удар и така оформи 600 погодоци од почетокот на својата кариера, откако 539 пати се запиша во дресот на Барселона и 61 пати во дресот на репрезентацијата на Аргентина.
Првиот гол на Аргентинецот во дресот на Барса е во мај 2005 година против тимот на Албасете. Аргентинецот ги постигна овие голови во 746 натпревари.
Меси и Кристијано Роналдо не престануваат да се натпреваруваат за рекорди, откако Португалецот во саботата исто така запиша јубилеј со гол број 300 во Примера дивизион во 286 натпревари и така тој го надмина Меси, бидејќи на Аргентинецот му беа потребни 334 дуели.