Мета: Не би сакал Албанија и С. Македонија да се разделат на патот кон ЕУ

од Nikola Popovski
321 прегледи

Албанскиот претседател Илир Мета синоќа од Скопје изјави дека не би сакал неговата земја да се одвои од С. Македонија на патот кон Европската унија.

Мета во интервју за ТВ 21 истакна дека двете соседни земји треба да ги засилат напорите за заеднички да одат на патот кон ЕУ и да најдат решение со Софија за деблокирање на почетокот на преговорите и дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за влез во ЕУ.

Според него, бугарското вето за Македонија е неоправдано бидејќи е неприфатливо билатералното прашање да стане пречка за проширувањето на ЕУ, што би резултирало со блокирање на секоја земја-членка во секое време.

Мета рече дека наскоро ќе го посети бугарскиот претседател Румен Радев и дека ќе разговара за тоа што може да се направи за да се најде решение за бугарско-македонскиот спор.

„Никогаш не би сакал да нѐ разделат, бидејќи не само што сме две соседни земји, туку сме исклучително заинтересирани за напредокот на Македонија. И доколку се движи побрзо од Албанија, нека напредува, Албанија нема причина да ја влече назад“, рече Мета.

Албанскиот претседател дојде во тридневна посета на Северна Македонија, а утре, според најавите, ќе се сретне со претседателот на Стево Пендаровски и со претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Слични содржини