Синоќа на небото над северозападна Бугарија била забележана силна светлина, проследена со силен татнеж, јавуваат бугарските медиуми. Како што е објавено, најверојатно станува збор за метеорит.
Првите кадри од феноменот биле пријавени во 21:49 часот, а „БНР-Радио Видин“ споделил видео од безбедносна камера која го снимила инцидентот.
Интересно е што на социјалните мрежи, дел од македонските граѓани од Делчево, Велес и Скопје пишуваат дека исто така го виделе метеоритот како паѓа.
Бугарските жители од околината на Видин, Монтана, Берковица и Белоградчик од страв пријавиле во бугарското МВР дека ја виделе светлината и слушнале силна бучава.
Очевидци коментираат дека светлината се видела дури до Софија.
-Околу 22 часот се слушна татнеж на територијата на Видин. На терен веднаш се испратени екипи на ОДМВР Видин, кои извршиле увид. На лице место нема извештаи за повредени лица, предизвикан пожар, ниту материјална штета, соопштиле доцна синоќа од бугарската полиција.