Британскиот амбасадор во Македонија, Метју Лосон, во гостување во дневникот на Сител телевизија, ја оцени новата Стратешка соработка и Спогодбата меѓу владите како историски момент во односите меѓу Велика Британија и Македонија.
„Објавивме стратешко партнерство кое вклучува и договор Влада со Влада за зголемена трговска размена, што ќе ја зајакне економската соработка меѓу двете земји,“ рече амбасадорот.
Лосон нагласи дека ова партнерство ќе донесе поблиска соработка во различни области – од заедничка обука на вооружените сили во рамки на НАТО, преку образовна и културна соработка, до борба против организираниот криминал и миграцијата.
„Велика Британија е втор најголем инвеститор во Македонија, а половина од британските инвестиции во Западен Балкан се вложени токму тука. Со новиот договор очекуваме забрзан развој и уште поголема економска соработка“, додаде Лосон.
Договорот Влада со Влада ќе биде потпишан оваа недела во Лондон, што, според амбасадорот, ќе донесе милиони фунти инвестиции и економски придобивки за двете земји и ќе биде видлив за граѓаните.