Методите на Груевски се вратени на голема врата, велат од партијата на Филипче за приведувањето на Димковски

„Ваквите монтирани и неосновани пријави за Димковски, кој целосно ги разобличи сите злоупотреби на Министерството за земјоделство и неспособноста на оваа власт не може да бидат никакво алиби“, соопштија од СДСМ

од Nikola Popovski
21 прегледи

„Фатена во огромниот скандал со ИПАРД тежок 130 милиони евра власта на Христијан Мицкоски прибегна кон единствено што знае: спнови и политички монитрани случаи“ – велат од СДСМ откако беше обелоденето дека при денешна полициска акција, уапсен е екс-министерот и член на СДСМ, Трајан Димковски.

Според партијата, ваквите монтирани и неосновани пријави за Трајан Димковски, кој, како што велат, целосно ги разобличи сите злоупотреби на Министерството за земјоделство и неспособноста на оваа власт не може да бидат никакво алиби.

СДСМ очекува судските органи да го следат исклучиво словото на законот и во целост да ги отфрлат овие неосновани и монтирани пријави за Димовски.

-Станува збор за класичен политички прогон, без правна основа и обид за замолчување на СДСМ во откривање на сите корупциски скандали на власта на Мицкоски. На граѓаните повеќе од јасно им е дека методите на Никола Груевски и режимските инструменти на голема врата се вратени и се применуваат.

Порачуваме дека СДСМ ќе продолжи гласно да зборува и да ги открива нивните криминали а ваквите обиди ќе бидат казнети од граѓаните кои веќе ја прочитаа ова власт, порачаа од партијата на Венко Филипче.

Во акцијата се опфатени пет лица на различни нивоа на одговорност. Како раководители во Агенцијата за стоковни резерви се водат Ниметула Рамадани и Тони Кантурски, додека Реси Абдурахмани е посочен како тогашен директор на истата агенција. На листата е и поранешниот заменик-министер за земјоделство Трајан Димковски, како и вештото лице Миле Пешевски од Бирото за процена од областа на земјоделството. Сите се товарат за злоупотреба на службена положба по член 353 од Кривичниот законик, а за Димковски и Пешевски се наведува потешка форма на делото по став 4.

Според информациите, станувало збор за истрага со малверзации со стокови резерви, во периодот на кризата кога почна војната во Украина. Медиумите објавуваат дека „лицата со неизвршување на својата службена должност, придонеле да се изврши отпишување на 1.500.000 килограми меркантилна пченица и 500.000 килограми јачмен од државните стокови резерви, со што причиниле штета на буџетот од околу 780.000 евра“.