Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола пред состанокот на лидерите на ЕУ и Западен Балкан во Брисел изјави дека ЕУ треба да ги започне пристапните преговори со С. Македонија и Албанија.
Таа додаде дека и ЕУ треба да започне разговори за доделување визна либерализација на Косово.
„Ова е ден кога треба да ги гледаме земјите од Западен Балкан како наши соседи и како земји кои треба да имаат свое место во ЕУ, која е нивен дом“, рече Мецола.
Во Брисел денеска започна дводневниот Самит на Европската Унија за Западен Балкан, на кој учествува и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски.
На Самитот на кој учествуваат шефови на држави и влади на Европската Унија и од регионот на Западен Балкан ќе се разговара за пошироката Европа, Западен Балкан, Украина, апликациите за членство во ЕУ од Украина, Република Молдавија и Грузија, како и економските прашања и надворешните односи.
Пред состанокот на Европскиот совет, лидерите на ЕУ и Западен Балкан ќе се сретнат и ќе разговараат за перспективите за европската интеграција на регионот.