Државата во текот на 2021 година извршила поврат на ДДВ кон стопанството за 22,8 % повеќе во однос на 2020 година и 20,8 % доколку споредиме со 2019 година. Односно кон фирмите во РС Македонија по основ на поврат на ДДВ во текот на 2021 година се слеани вкупно 30 милијарди денари или 488 милиони евра што е за 5,6 милијарди денари (91 милион евра) повеќе во споредба со претходната година. Дополнително кај компаниите во текот на 2021 година е извршено пребивање на ДДВ во износ од 1,2 милијарди денари со други даноци со што износот на поврат на ДДВ вкупно изнесува 31,2 милијарди денари.
Гледано во апсолутен износ повратот што е извршен во 2021 година е повисок во споредба со претходните години кога биле вратени 397,4 милиони евра во 2020, 403,9 милиони евра во 2019 година, 375,8 милиони евра во 2018 година, 315 милиони евра во 2017 и 280 милиони евра во 2016 година.
Ова е значајна поддршка за компаниите особено во време на криза предизвикана од Ковид 19 чие влијание се уште се чувствуваше во економијата во 2021 година и на која и беше потребна поддршката што беше спроведена и преку реализација на шесте пакети антикризни мерки.
Повратот во текот на 2021 година се вршеше тековно и навремено. Во таа насока придонес дава големиот процент на дигитализација на процесот, а дополнително влијание на ефикасноста на извршување на повратот на ДДВ, на што се работи во моментов, ќе даде тоа што тој процес целосно ќе се автоматизира.
Вршењето на повратот на ДДВ редовно и навремено кон комапниите во домашното стопанство има значење за нивната ликвидност и конкурентност, соопштија од Министерството за финансии.