Сите основни прехранбени производи, кои граѓаните ги користат во секојдневна употреба се дел од листата на производи коишто ќе се оданочуваат со повлатена стапка на ДДВ од 5%. Листата, која со одлука ја усвои Владата денеска, содржи над 1600 производи и истата се проширува со производи како што се електронските/дигитални учебници и други производи. На оваа листа на повластена стапка на оданочување остануваат и пелетите за загревање.
Согласно донесената Одлука од страна на Владата граѓаните и натаму ќе ги купуваат производите со понсиска даночна стапка како што се лебот, белиот шеќер, брашното, маслото од сончоглед, млекото и павлаката, месо, јајца, сирење, урда, кашкавал, овошје и зеленчук, тестенини, супи, ајвар, природен мед, сол, ќечап и слично.
Листата е долга и содржи голем број производи кои граѓаните ги користат и се на трпезата во секојдневната исхрана. Станува збор за над 1600 производи кои имаат најниска повлатена стапка на оданочување.
Владата, денеска, а согласно донесените измени на Законот за данок на ДДВ, усвои и Одлука за примена на повластена стапка на ДДВ од 10%, за производи кои имаат помала потрошувачка и имаат третман на луксузен производи и не претставуваат основни производи во исхраната. На оваа листа се производи како месо од ирваси, лосос, сирење со сина мувла, сирење од типот toffy, јагула, семе од лен, масло од палма и кокосов орев, кавијар, школки, тропско овошје како папаја, манго и авокадо и слично. Вклучувањето на дел од производите коишто ќе се оданочуваат со оваа стапка е со цел да се заштити здравјето на граѓаните. Имено, овие две листи ги содржат скоро сите прехранбени производи кои се користат од страна на граѓаните.
Целта на донeсените одлуки, а со тоа и оданочување на основните производи за човечка исхрана со пониска повластена стапка, додека останатите производи за човечка исхрана со повисока повластена стапка е пред се заштита на стандардот на граѓаните, како и оданочување со праведна даночна стапка на производите кои што не претставуваат основна човечка исхрана. Дополнително целта е заштита на домашното производство на прехранбени добра и поддршка на домашните компании.
Одлуките произлегуваат од донесните измени на Законот за данок на додадена вредност, кој беше дел од даночната реформа, која е со цел воспоставување современ даночен систем, кој ќе почива на принципите на праведност и правичност.
Дополнително во насока на заштита на стандардот на граѓаните Владата донесе и одлуки за намалување на увозните давачки за свежиот зеленчук и ориз, како и свежиот домат, краставици и пиперки и укинување на увозните давачки за аргуми, односно портокал, лимон, грејфрут и мандарина. Со одлуките пониски увозни давачки ќе има кромидот, празот, карфиолот, блокулата, морковот, модриот патлиџан, тиквичките и слично.