Сашо Мијалков не бил спроведен во Основниот Кривичен суд Скопје на рочиштето за „Титаник 2“, поради техничка грешка во датумите од страна на Кривичниот суд, тврди директорот на КПУ Струга, Ваљон Ќуља.
Тој вели дека добиле наредба за спровод на Мијалков на 28.11.2022 година за одредено судско рочиште на 12.12.2022 година.
-По оваа наредба ние сме постапиле и сме го испратиле осудениот Мијалков на рочиште. Ова судско рочиште е одложено, и потоа, на 14.12.2022 година во нашата институција пристигна пак барање од Кривичниот суд за истото лице, но, и во ова барање, датумот на судското рочиште е истиот од претходното барање, значи 12.12.2022 година. Значи евидентно е дека станува збор за техничка грешка, рекол Куља за МИА.
Од Кривичниот суд тврдат дека на 14.12.2022 година затворот во Струга има примено наредба за спровод на обвинетото лице за денешната расправа.
Министерството за правда информира дека ќе бидат преземени сите активности и ќе се направи вонреден надзор во затворот во Струга околу неспроведувањето на Сашо Мијалков во судница. Од таму појаснија дека Управата за извршување на санкции ќе утврдува одговорност и ќе бидат санкционирани сите кои направиле пропусти, намерни или ненамерни.
Случајот „Титаник 2“, каде што меѓу обвинетите покрај Мијалков, се и лидерот на ДПА Мендух Тачи и четворица поранешни членови на Државната изборна комисија, беше вратен на повторно судење во Основниот кривичен суд, откако Апелација ги укина првостепените пресуди.
Со првостепената пресуда, Мијалков доби 3 години затвор, а на 3 години и 2 месеци беше осуден Мендух Тачи.
Делото на Мијалков за конкретниот предмет застарува за нешто повеќе од четири месеци.