Ми кажаа дека Русија по грешка го таргетирала центарот на Суми, кажа Трамп за масакрот во кој загинаа најмалку 34 лица

од Vladimir Zorba
31 прегледи

Две руски балистички проектили вчера го погодија самиот центар на северниот украински град Суми, што беше најкрвавиот напад на Украина оваа година во кој животот го загубија најмалку 34 лица, а 117 беа ранети.

На нападот реагираше и американскиот претседател Доналд Трамп.

„Мислам дека е страшно. Ми кажаа дека направиле грешка. Но мислам дека е страшно. Мислам дека целата војна е ужасна работа. Мислам дека самиот почеток на таа војна беше злоупотреба на моќта. САД никогаш немаше да дозволат таа војна да започне ако јас бев претседател. Таа војна е срамота“, рече Трамп.

Запрашан да разјасни што точно мислел со грешката, Трамп рекол: „Тие направија грешка… мора да ги прашате“, без да прецизира на кого точно мислел или за каква грешка станува збор, пренесе Киев Индипендент.

„Ова е војна на Бајден. Тоа не е моја војна. Само се обидувам да ја прекинам таа војна за да можеме да спасиме многу животи“, рече тој.

Суми, со население од околу четвртина милион, се наоѓа на само 25 километри од руската граница. Тој стана гарнизонски град откако украинските сили лансираа упад во Русија од него во август минатата година, кој оттогаш беше во голема мера одбиен. Градоначалникот на Суми, Артем Кобзар, од денеска прогласи тридневна жалост за жртвите.

Луѓето погодени од ракетата биле на улица, во автомобили, во јавен превоз или во згради, изјави министерот за внатрешни работи Ихор Клименко.

Андриј Коваленко, официјален претставник за безбедност кој го предводи Украинскиот Центар за борба против дезинформации, рече дека нападот уследил по посетата на американскиот специјален пратеник Стив Виткоф на Русија, каде што се сретнал со високи функционери, вклучувајќи го и претседателот Владимир Путин.

„Русија ја гради целата оваа таканаречена дипломатија околу напади врз цивили“, напиша Коваленко на Телеграм.

По нападот на Суми во неделата, Зеленски ги повика САД и Европа жестоко да одговорат на, како што рече, рускиот тероризам.

„Русија сака токму ваков терор и ја продолжува оваа војна. Без притисок врз агресорот, мирот не е можен. Преговорите никогаш не ги запреле балистичките ракети и воздушните бомби“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.

Слични содржини