Вицепремиерот за европски прашања во заминување, Никола Димитров вечерва објави дека кај него паднала паричката од кршењето погача за Василица.
-Ми падна паричето! Мислете му ја, сподели поранешниот министер за надворешни работи, покажувајќи слика од трпезата.
Со критика до Владата пред се за процесот за решавање на спорот со Бугарија и со порака дека му е должност кон граѓаните да запали аларм за посебна будност во однос на прашањето, Димитров си заминува од функцијата. Тој на вчерашната прес-конференција рече дека неговите ставови во преговорите со Бугарија во многу наврати биле спротивни од неговите колеги во Владата.
-Демантирам дека самиот сум се повлекол. Тоа не е точно. Јас не сум човек што се повлекува од битки. Не се повлеков затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и важно е да се одржат. Имав сериозна битка внатре, особено во последната година во однос и на дефинирањето на националните позиции. Значи за самата суштина на маката, ама и на стратегијата, односно на текот на самите преговори. Таа битка не беше тајна. Разликите беа евидентни и во јавните пораки и во јавните настапи, потенцира Димитров.