Еден период заедно игравме во опозициските редови, но колегата реши да ја смени страната и тоа е промена во волјата на граѓаните. Со менувањето на страните дојде до промената на ненародната власт. Тоа е – што е. Демократијата е убава затоа што граѓаните го одредуваат правецот на движењето на државата, му порача пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на колегата пратеник од Европскиот фронт, Скендер Реџепи Зејд.
Мицевски со реплика од собраниската говорница се осврна на изјавата на Реџепи Зејд дека „граѓаните Албанци референдумски се изјасниле на последните избори“.
-По однос на соодносот на бројот на министри, тоа не треба да биде главна тема бидејќи оваа екипа ќе работи за напредокот на државата и кој ќе треба да ја донесе променаа. За ваше потсетување, соодносот во претходните влади не е аргумент за зборување.
Дајте да се фокусираме за тоа што му е потребно на Македонецот и Албанецот. Дозволете да почне да функционира оваа влада. Вашата опозициска игра за да се бара легитимност во албанскиот кампус не важи бидејќи вашата игра ви се удри од глава, рече меѓу другото Мицевски.
Во Собранието почна пленарната седница за избор на владата предложена од мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој ја образложи програмата и предлогот за состав на владата по што започна дебатата.
Според собранискиот Деловник, предвидено е седницата да трае најмногу два дена, односно треба да заврши најдоцна до утре на полноќ. Владата ќе биде избрана ако за неа гласале мнозинството од вкупниот број на пратеници.