Мицевски: Предлогот на Левица за забрана на името ВМРО е директна нарачка од кругови што работат против македонскиот идентитет

од Nikola Popovski
93 прегледи

На предлогот на Левица за заштита на името Внатрешна македонска револуционерна организација – ВМРО, со што ниту една партија не треба да го носи како назив, веднаш реагираше ВМРО-ДПМНЕ преку координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски. Тој ја нарече Левица „радикални маргинални структури“ кои биле поврзани со центри во Бугарија за Македонија да се откаже од нејзиното револуционерно минато.

„Радикални маргинални структури повторно се обидуваат да предизвикаат вештачки конфликти со симболите на државноста и на борбата, а последниот срамен обид на Левица да поднесе закон за забрана на името ВМРО не е ништо друго освен директна нарачка од круговите што со децении работат против македонскиот идентитет“, рече на прес-конференција Мицевски.

„Ова е истата таа агенда што со години се промовира од политички и академски структури и центри во Бугарија: Македонија да се откаже од своето револуционерно минато;  ВМРО да се претстави како ‘контроверзен’ или ‘непосакуван’ дел од историјата; Македонскиот народ да се откорне од своите херојски настани. Сега, истата таа агенда добива домашни извршители во форма на пратениците на Левица“, додаде Мицевски.

Според него, ова не е првпат да се случува.

„Во 2018 година, имаше обид, со поддршка од тогашната власт на СДСМ, ДУИ и СЈО како инструмент да се укине ВМРО и да се измени законот. Тие обиди беа спречени благодарение на поддршката од пријателски држави и сестрински партии, тогашната агенда беше разобличена.

Но денес, она што особено ја открива суштината на ова сценарио е фактот што истата таа улога ја презема Димитар Апасиев, тогаш советник во СЈО, денес лидер на Левица. Само што денес, заслепен од сопствената ароганција, сам си ја потврдува улогата: дека е најобична алатка во туѓи раце“, вели координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини