Колку и да е моќна и апсолутно доминантна пропагандната машинерија на мицињата, ситуација која ја немало ниту во фашистичка Германија и сталиновиот Советски сојуз, а камоли денес во ЕУ, не можат да го избегнат најновото големо, скандалозно, шокантно молчење во врска со политичката одговорност на организаторот на посетата на Курти на Тетово, а тоа е, со име и презиме, Биљал Касами, градоначалникот на Тетово, лидерот на нивниот коалициски партнер партијата БЕСА. Стравот на раководството на мицковистичко дпмне од поголемиот коалициски партнер во коалицијата дпмне – БЕСА е толку голем што не смееја ниту збор да изустат нивните инаку обично мошне здодевни но гласни пропагандисти. Какво ВМРО, какви комити и војводи, каков патриотизам е тоа кога не смеат ниту една реченица барем да прошепотат за веењето на знаме со голема албанија на митинг организиран од страна на поголемиот коалициски партнер?! Па, ваква демистификација и јавно разобличувњње на лажниот патриотизам на мицињата одамна немало! Од транцендентна перспектива на атемпоралната идеологија на ВМРО ова е огромно предавство, ова е невидено сквернавење на 4-те свети букви ВМРО!
Конечно вистината ја видоа сите, целиот Македонски народ, конечно сите се уверија дека тие, мицињата, лажните комити и војводи, метафорично кажано, за власт би се здружиле и со ал каеда ако треба! Дека нема цена, нема политичко предавство кое нема да го направат само да дојдат до власт, државни функции, можеби тендери итн.,ете тоа сега го знаат и децата во нивното славно струшко Ташмаруништа! После овој молк, еднаш засекогаш е деструиран митот за дпмне како патриоти. Ќе продолжат да се прпелкаат политички (конечно, мора да се троши милиончето и кусур евра кои за жал државата уште им ги дава), меѓутоа повеќе не е можно после овој нивен молк било кој нормален човек да се излаже и да гласа за нив заради тоа дека се, демек, патриоти – не, тие не се патриоти, па тие не смеат ниту да прошепотат критика за знамето на голема албанија кое се вееше и прикажува на спотови од нивниот Биљал!
И така, за историската иронија но и космичката правда да биде уште поголема, само неколку дена по Илинден, мицињата се докрај соголени во нивната алчност за власт, во нивните грандиозни политички лаги за патриотизам, нивното ултимативно предавство на вистинското и едно ВМРО, на наследството кое тие го злоупотребуваат, сега веќе очигледно, само за власт. Нивниот молк нека биде нивната последна политичка лебедова песна за Македонскиот народ, кој дури и мора да го види молкот и понизноста на мицињата кон, да го употребиме нивниот вокабулар, нивниот политички газда Биљал!
Колку и да се обидуваат, впрочем како и секогаш, преку нивната гебелсовски конструирана мрежа на порталчиња кои јас Деридијански ги нарекувам парталчиња, како и некои квази тв а во суштина партиски билтени на дпмне, сега не можат да го замаскираат овој срам, овој тажен громогласен молк на мицињата за Биљал! Нивниот молк е како сликата „Врисок“на Ед Мунк, нивниот молк е најголем врисок на предавството кое го дозна цела Македонија и Македонскиот народ! Коските во гробовите на храбрите комити и војводи кои самосвесно загинале за ВМРО и Македонија се превртуваат во гроб од неподносливиот молк на мицињата пред нивниот политички газда Биљал Касами, а таму беше и другиот нивен партнер, Африм Гаши од Алтернатива кој, ако сте заборавиле да ве потсетам, нивниот лидер го предлагаше за Премиер! Таа вечер на плоштадот во Тетово каде се вееше знаме на голема албаанија беше и „новата звезда“ на про-мицковите партиски гласила, Меџити и новата партија наречена „демократско движење“, веројатно уште еден (потенцијален) коалициски партнер на дпмне. Народот се сеќава на сликата како од нивниот „лидершип“ се сликаа во на иста маса со Африм Гаши во Ссобрание кога по којзнае којпат правеа ново мнозинство, заедно со уште некои опскурни ликови и политички циркузанти кои за нормален човек се само потврда дека одамна Умот ја напуштил оваа територија штом луѓе гласаат за такви.
Попусто координирано нивните партиски гласила маскирани како медиуми лажат и се обидуваат за ја сменат темата во јавноста – фактите се факти – организатор на прославата и посетата на Курти беше лично нивниот Биљал и никој друг. Не беше ниту СДСМ, ниту ДУИ, туку токму – нивниот политички газда Биљал. Организаторот според законски прописи мора да обезбеди редари и услови во кои нема да се случат скандали и било какви законски прекршувања како веење на знаме на голема албанија. Нема одговорност за знамето кај никој друг освен кај организаторот, барем политичка, и тоа е непобитен факт. Не може да има одговорност кај Владата, Државата, освен поднесување на соодветна пријава, што веќе е сторено. А мицињата не смеат ниту да споменат нешто за тоа – погледнете ги нивните партиски билтени-медиуми (иако е тоа чист мазохизам), и нема да најдете ниту една обична изјава со осуда за тој акт на веење на знамето со голема албанија. Нема ниту обична прес- конференција на нивните портпароли со критика, макар и симболична, нема реакција затоа што може ќе им се налути нивниот политички газда и поголем коалициски партнер БЕСА! Нивното лицемерие е дотолку поголемо што тие секојдневно го обвинуваат и напаѓаат СДСМ дека се слуги на ДУИ, помал коалициски партнер на ДУИ и слично, а тие во ист миг, еве се виде, се уште поголеми слуги и помали партнери во нивната коалиција со БЕСА! Просто нормален човек да се чуди како не им е срам тие да обвинуваат за национални предавства, за понизност кон ДУИ итн., кога тие уште недојдени на власт се политички предавници со молкот за знамето со голема албанија, а згора на тоа нели и ВМРО божем се?! Како не им е срам, со какво не-лице можат да лажат неинформирани луѓе, како е воопшто уште можно да има таков секојдневен надреален театар од сеуште за жал незапленетата бела палата?! Таква хипокризија на морал е невидена не само на Балканот туку и во светот. Македонија уште еднаш се увери дека ова и вакво дпмне е спротивност и срам за вистинското ВМРО и мора гласачки да ги казни на изборите догодина!
Народот треба да знае и дека коалициските партнери на мицковистичко дпмне се многу порадикални во своите етно-националистички ставови и програми дури и од ДУИ. На пример, токму БЕСА односно нивниот Биљал Касами како градоначалник на Тетово тврдат дека не е потребно бадинтерово мнозинство во советот на општината за одлуки за промена на имиња на улици, има информации дека само двајца Македонци се раководители на сектори во општинската администрација наспроти шеснаесет Албанци – што значи не се почитува ниту Уставниот принцип за правична застапеност на националностите; понатаму, БЕСА и Алтернатива и Демократско движење упорно бараат и замена на формулацијата дваесет проценти за албанскиот јазик и тоа дури и го поставуваат како услов за гласање за промена на Уставот, итн. Останува голема и многу важна енигма и крајно загрижувачки е што се крие во коалицискиот договор меѓу мицињата „војводи“ од дпмне и БЕСА, на пример за локалните избори кога мицињата, ако сте заборавиле, за првпат во историјата на таа партија, воопшто немаа свој кандидат за градоначалник, само заради тоа да гласааат за Биљал! Има бројни неофицијални информации за содржината на тој коалициски договор и за честите средби на нивниот лидер со Биљал, и можете да замислите каква хорор содржина имаат тие формални или неформални коалициски договори и разговори и што се ветуваат мицињата за пуста власт во насока на национални отстапки. Македонскиот народ после овој последен молк за Биљал никогаш повеќе не смее пак политички да се излаже и да гласа за мицињата!
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот