Имаме победа во над 30 општини уште во првиот круг. Имаме победи во општини каде што СДСМ имаше свои градоначалници. Победивме убедливо во првиот круг во Струмица. 20 години чекавме на овој ден, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски на прес-конференција по повод резултатите од локалните избори.
Мицкоски истакна дека имаат огромно водство на ниво на Град Скопје. Премиерот додаде дека кандидатот Орце Ѓорѓиевски ќе оди во втор круг за Град Скопје.
-Водиме во Карпош. Таму Сотир сам се бореше против сите сојузи и подземни игри и сигурен сум дека ќе имаме победа во вториот круг. Јасен е трендот дека граѓаните бараат промени во Карпош, нагласи Мицкоски.
Воедно, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, изборите се порака и за ДУИ.
-Кога Али Ахмети се удираше во гради дека менувал премиери, реков полека смири се, почекај, непријатно ќе бидеш изненаден од резултатот. Ова е тој ден. На овие избори, политиките на национализам и вештачки теми за орли и зајци се поразени, смета Мицкоски, дополнувајќи дека „темата за ДУИ се затвори денеска“.
Запрашан колку вкупно гласови освоиле кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека во моментов нема точна бројка, но процентуално 42 од вкупниот број на гласови.
-Процентуално мислам дека имаме повеќе освоено од последните парламентарни избори, а многу повеќе од тие во 2021 година. Мислам дека ќе имаме најголема бројка на сите локални избори во историјата, оценува Мицкоски.