Премиерот Христијан Мицкоски ги коментираше изјавите на амбасадорите на САД и ЕУ, Анџела Агелер и Дејвид Гир кои се спротивставија на распуштањето на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
Мицкоски рече дека „стана практика амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи на државата“, додавајќи дека треба да понудат решенија за проблемот со довербата во судството.
„Ја слушнав таа изјава. Некако стана практика амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи на државата. Но, во ред, дури и ако е така. За оваа коалиција гласаа 600.000 граѓани, се гледа дека тоа ништо не им значи. За политиките и програмата на оваа влада. Истите велат дека состојбата со правната држава е катастрофална. Истите во нивните извештаи велат дека криминалот и корупцијата цветаат. Довербата во Судскиот совет и во Обвинителскиот совет е на 2-3%, се гледа дека работите не функционираат. Ако знаат подобро решение нека дојдат да покажат, јас сум подготвен да разговараме“, рече Мицкоски при посетата на општина Гевгелија.
Според него, логично е рационален и конструктивен човек кога гледа проблем да бара решение.
„Еве ние понудивме решение, океј, не се важни 600.000 гласови за амбасадорите, не е важна владината програма, ако знаат подобро решение нека дојдат да покажат, подготвен сум да разговараме“, кажа меѓу другото Мицкоски .
Вчера евроамбасадорот Дејвид Гир на Конференцијата за имплементација на препораките на Оценската мисија, организирана од страна на Судскиот совет, ѝ наложи на власта дека распуштањето ќе значи мешање на извршната во судската власт. Амбасадорот препорачува да не се преземаат вакви чекори бидејќи не е докажано дека се ефективни.