Денес е празник и не би сакал да зборувам на политички теми, но веќе кога ме прашувате замислете што би се случило кога ваква бандитска група би упаднала на аеродромот во Вашингтон, Берлин или Париз, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска пред Соборниот храм, околу случувањата во М-НАВ и нападот во контролата на летање.
Според Мицкоски, напаѓачите или веднаш би биле уапсени или би биле ликвидирани.
-Нема ден без скандали. Ова требаше да биде свечен ден, но секојдневните скандали не одбегнуваат да разговараме на друга тема, додаде лидерот на најголемата опозициска партија.
Четворицата осомничени, меѓу кои и функционерот на ДУИ и вработен во М-НАВ, Беким Незири не се во притвор, иако обвинителството побара да завршат зад решетки зашто ја загрозиле безбедноста на воздушниот сообраќај.
Претседателот на Синдикатот Тасевски очекува Владата да се држи до најавата и да го разреши раководството на М-НАВ. Тоа треба да се случи на седницата во вторник. Премиерот Ковачевски го повика Јавното обвинителство, ДКСК, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авио-сообраќај да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ. Доколку тоа не се случи, синдикалците се заканија со штрајк.