Mицкоски бара да ги види на дело потезите од Софија за да му верува на Радев

од Nikola Popovski
61 прегледи

Тоа што го зборуваат претставниците на Бугарија ќе имаат можност да го докажат на 24 јуни со повлекување на амандманите во Европскиот парламент, и да ја прифатат иницијативата за средба во рамки на состанокот на НАТО во Хаг кон крајот на месецов, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

„Има таква можност да го покажат ова што го зборуваат. На 24 јуни на Комисијата за надворешни работи при ЕП, АФЕТ се наоѓа извештајот во којшто очекувам бугарските членови на ЕП да ги повлечат амандманите во кои бараат македонскиот многувековен идентитет и јазик да се додефинираат со зборчето сегашен или „present“, и во рамките на тој дух да биде усвоен тој извештај и потоа и патоказот за малцински права којшто многу скоро ќе биде на дневен ред, така што имаат можност ова што го зборуваат да го покажат и на дело“, кажа Мицкоски од Битола.

Премиерот изрази очекување Софија да ја прифати средбата во рамки на состанокот на НАТО во Хаг, и како што истакна, да се разговара и за Коридорот 8, да биде и тоа приоритет кај нашиот источен сосед.

Бугарскиот претседател синоќа од Тирана порача дека не станува збор за нерешени билатерални односи, за наметнување вето или за запирање на процесот на интеграција, туку за внатрешни предизвици кои се поврзани со човековите права во Македонија.

„Има Договор за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година и во него има два протокола. Има преговарачка рамка од 2022 година, европски консензус на сите земји членки и од власта на С. Македонија, така што Бугарија никогаш не поставила и нема да постави услови надвор од тој договор, надвор од Преговарачката рамка и надвор од двата протоколи“, рече Радев.