Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека се бори и инсистира што побрзо да има парламентарни избори. Тој порача дека ако треба и без техничка влада, да го сменат законот, само за да одат на избори.
-Има луѓе во Парламентот кои што во приватни разговори со мене зборуваат многу лошо за работењето на оваа Влада. Тие сепак одлучуваат да заборават што зборуваат со мене и пред мене и да ја поддржат оваа Влада. Апелирам до нив дека ова е вистинскиот момент да се спаси Македонија и да одиме на избори, рече Мицкоски како одговор на новинарско прашање при посетата во општина Босилово и општина Ново Село.
Лидерот на најголемата опозициска партија го коментираше и двојното убиство во кафулето „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија, при што беа ликвидирани две лица поврзани со скопското подземје.
-Кога нема јасна линија меѓу владата и криминалот, тогаш е нормално криминалот да има своја држава и тоа за жал е нашата Македонија. На 300 метри од центарот на Скопје да се случи вакво прецизно убиство со автоматски пушки, не е сретнато ниту во најлошите кинематографии. Ова беше брутална егзекуција, изјави Мицкоски.