Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека „состојбата со тоа што денеска Христијан Пендиков стана вип-личност во Софија, дава одговор дека целата ситуација е политизирана“.
-Јас кога би бил бугарски државјанин, Бугарин и кога ќе видам дека Пендиков ужива поголеми права од мене, би се засрамил од раководството на мојата држава, но и би се засрамил од политичарите во мојата држава кои даваат поддршка на тој човек кој што и воопшто не го познаваат. Ако се потрудиле да дознаат повеќе за тој човек, ќе дознаат дека тој заслужува се само не вип-третман и ќе дојдат до заклучокот дека станува збор за човек кој не ужива никаков углед во средината во кој е растен. За жал, политичарите во Софија одлучија да го политизираат мислејќи дека ќе им донесе поен плус во изборната кампања, рече Мицкоски како одговор на новинарско прашање при посетата на општина Петровец.
Тој вели дека познава многу луѓе од Бугарија кои имаат поголеми предиспозиции да бидат третирани на највисоко ниво отколку Пендиков.
За потсетување, претепаниот охриѓанец Христијан Пендиков доби ветување од бугарските власти дека ќе добие дневници, стан во Софија и најверојатно лично обезбедување, поради како што тврдат, неговиот страв од заканите што ги добива.