Вчера сведочевме како во главниот град на Европа имаше обид од одредени европарламентарци да се креира нова нација и нов јазик во 21 век. Тоа што тие истите обвинуваат дека Русија го прави во Украина со негирање на идентитетот и јазикот на Украинците, вчера одредени европарламентарци се обидоа да му го направат на овој народ – да креираат модерна македонска нација која се служи со модерен македонски јазик. Во прва фаза, тоа не помина, изјави премиерот Христијан Мицкоски за вчерашното усвојување на Предлог-извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ.
Мицкоски порача дека вчера се виде дека „ниту идентитетот е бетон ниту јазикот е бетон, како што не убедуваа одредени измамници во политиката, без разлика дали се од тука или од надвор“.
Премиерот бара Бугарија да го почитува тоа што го потпишала – Резолуцијата за заштита на човековите права во однос на сите пресуди кои што доаѓаат од Стразбур.
-Вчера Европа виде колку некои политичари се лицемерни и колку тие политичари за една иста таква работа, едно зборуваат, а за друга таква работа, друго зборуваат. Се плашам дека на дел од тие политичари ќе им се стави знак на равенство руската политика и тоа што руската политика го прави во Украина. Убеден сум дека сме вистински фронтранери во регионот, а ако имаме шанса да започнеме преговори, ви гарантирам дека како брз воз ќе ги завршиме и за 3-4 години ќе бидеме таму. Но, ова што сме Македонци со македонски јазик и идентитет, а не современи, кажа Мицкоски на промоција на реализирани проекти на Универзитетската клиника за детски болести.